Сезоната во македонскиот ракомет стартува утре со натпреварот од Супер Купот во салата „Јасмин“ во Кавадарци меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер.
Тренерот на битолчани, Рубен Гарабаја, го најави натпреварот и вели дека тоа што досега се случило не е важно, односно дека „вистинското“ почнува утре.
„Никогаш не сте целосно подготвени, бидејќи за време на сезоната постојано напредувате и учите. Мислам дека имавме добра претсезона и најважно е што немавме сериозни повреди. Тоа што се случи се до денес – веќе не е важно. Вистинското натпреварување почнува утре со Суперкупот и ќе видиме поинакви тимови. Ќе видиме поинаков Вардар и сигурно поинаков Еурофарм Пелистер. Се надевам дека нашиот тим ќе биде уште подобар за разлика од подготовките“, вели Гарабаја.
Еурофарм Пелистер би можел да смета на Дејан Манасков, Сеид Хеидарирад и Никола Митревски, кои го пропуштија регионалниот турнир.
„Мојата идеја е дека секој играч ми треба за секој натпревар, а не за цела сезона. Сакам да го користиме секој ракометар на секој натпревар, бидејќи сакаме да играме силно темпо. Имаме добри играчи на сите позиции и ги имаме по двајца или тројца по позиција. Се надевам дека тоа ќе го искористиме“, заврши Гарабаја.
Натпреварот меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер се игра утре во салата „Јасмин“ со почеток во 19:00 часот.