Трансфер-бомба во Кил: Домен Макуц потпиша до 2030 година!

Словенечкиот плејмејкер Домен Макуц по завршувањето на сезоната ќе го напушти тимот на Барса и ќе се пресели во редовите на Кил, каде треба да остане најмалку до 2030 година.

Шпекулациите за негов трансфер кружeа веќе извесно време, а сега стигна и официјалната потврда од германскиот гигант.

Кил во изминатите две сезони се обиде да изгради тим со помлади играчи, но не успеа да го задржи врвното ниво, па по втор пат по ред остана без настап во Лигата на шампионите.

Макуц во „зебрите“ ќе ја има улогата на потенцијален наследник на Домагој Дувњак, кој најави крај на кариерата, но сѐ уште не ја донел конечната одлука.

Во Кил, Макуц ќе дели минути со Елијас Скипаготу, а во бековската линија ќе биде во друштво на врвни играчи како Јулијан Костер, Никола Билик, Емил Мадсен, Ерик Јоханесен и Харалд Рајнкинд.