ОХРИД 2025: Се смешка финале – Партизан падна пред налетите на „гладијаторите“

Ракометарите на Охрид се на чекор до финалето на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“, откако во интересен натпревар го совладаа српскиот шампион Партизан со 30-25.

Охриѓани се во пол-позиција за првото место во групата кое води во битката за трофеј. Клучен момент за триумфот беше одличниот финиш на првиот дел, кога Охрид направи плус осум, а потоа и покрај падот во второто полувреме брзиот излез од кризата.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Анте Иванковиќ со осум и Дарко Ѓукиќ со шест погодоци, додека голманот Градимир Чаневски имаше 11 интервенции. Во составот на Партизан се истакнаа Анѓелковиќ и Иванов со по четири гола. Последниот ривал вво групата ќе биде Нексе.

На стартот се играше израмнето, но „гладијаторите“ беа тие што првпат се одлепија на плус два, 6-4, а по една пресечна топка Дарко Ѓукиќ успеа да погоди во контранапад и Охрид поведе со 10-7 по петнаесетина минути игра.

Имаа момците на Ројевиќ и шанса за плус четири, но не ја искористија, па потоа беше исклучен и Моралес, и Партизан се врати на минус еден со голот на капитенот Шотиќ. Гостите тргнаа во напад за реми, но Чаневски фати зицер.

И оттогаш, 12-11, Охрид цели седум минути не прими ниту еден гол, а во нападот реализираа Ѓукиќ, Јотиќ, Ојлески…и домашниот тим отиде на највисоки 19-11. Во последната секунда од првиот дел Партизан погоди за 19-12 на пауза.

Охрид – Партизан

Но Охрид имаше двајца играчи помалку на стартот на второто полувреме, се разбрани Зориќ, па Партизан постигна четири гола по ред за 19-16 и Ројевиќ мораше да реагира со тајм-аут.

Како одминуваше времето така српскиот тим се враќаше во игра, згора на тоа и Ѓукиќ промаши пенал, па беше 20-19. Но кризата на охриѓани заврши и одново на терен како да беше домашниот тим од првото полувреме.

Разигран напад, разновидни комбинации, се гинеше за секоја топка, Чаневски одбрани пенал и „гладијаторите“ поведоа со 25-20, кога остануваа уште десетина минути до крајот на натпреварот. Потоа се беше полесно и рутински беше завршена работа.

Утре Охрид ќе има ден за одмор, пред в петок да го одигра последниот и решавачки натпревар за првото место против хрватскиот вицепрвак Нексе Нашице. Партизан ќе има лесна задача против шампионот на Фарски Острови.