Втор финалист на 53. издание на Струшкиот турнир ќе биде екипата на Бутел Скопје која во последниот натпревар од групната фаза го победи Тиквеш со 31-30 и сега е прв на табелата со четири бода. Иако бутелци имаа минус шест, покажаа карактер и срце, се вратија во егал на десетина минути до крајот, а потоа во драматичниот финиш успеаја да го надмудрат ривалот и да слават.
Кавадарчани тргнаа сигурно и поведоа со 6-3, а во овие моменти добар на нивниот гол беше Печурица. Бутел фати приклучок, успеа во повеќе наврати да намали на минус еден, но имаше голем пад во пред паузата и Тиквеш водеше со 20-15.
Вистинските возбудувања следуваа во второто полувреме. Момците на Кристијан Грчевски се одлепија на плус шест, 22-16. Но најпрво Стојаноски влезе во серија одбрани на голот на Бутел.





Тиквеш – Бутел
Потоа се разигра и грузиското засилување Гришикашвили и Бутел во 45. минута успеа да израмни во мечот, 25-25. Се вжештуваше атмосферата и се разгоруваше борбата на теренот, а момците на Горан Кузманоски за првпат по 1-0 поведоа на седум минути до крајот, 28-27.
Трајкоски одбрани еден удар, прецизен беше Спасовски од пенал и Бутел со серија од три гола по ред за 31-29 и стигна на чекор до триумф. Кавадарчани пробаа да се вратат, но одново беа запрени од голманот Трајкоски и на крајот бутелци се радуваа на пласман во финалето.
Меѓу најзаслужните за победата на Бутел се Николов со девет гола, Спасовски со шест и Субашевски со пет погодоци. Голманот Стојаноски запиша девет одбрани, додека Трајкоски исто така имаше неколку одбрани во серија во клучни моменти. На спротивната страна кај Тиквеш, се истакна Димитар Коцев со 11 гола, додека голманот Печурица имаше девет интервенции.
Финалето меѓу Охрид и Бутел Скопје се игра утре од 20:45 часот, битката за третото место меѓу Тиквеш и Бурса е од 18:45 часот, додека наутро во 10:00 часот ќе играат Струга и Раднички Крагуевац.