Дресови на Николов и Начевски, и на Лазаров на изложба на колекционер на спортски експонати во Добој

Добој овие денови е во знакот на ракометот – се одржува 56. Меѓународен ракометен ТВ турнир на шампионите. Една од пропратните настани на овогодинешната спортска манифестација е изложбата на колекционерот на спортски експонати, Борис Врховац од Бања Лука.

Во неговата колекција, собирана повеќе од четири децении, се наоѓаат уникатни предмети како целосна опрема на Новак Ѓоковиќ, потпишани дресови на Марадона и Меси, ракавици на Мајк Тајсон, патики на Никола Јокиќ…И секако и од најголемите макеоднски звезди, судиите Славе Николов и Ѓорѓи Начевски, и на Кирил Лазаров.

Дресот што Славе и Ѓорѓи му го имаат подарено на колекционерот е од полуфиналниот меч од Париз на ЛОИ 2024. Тие се нашите најголеми амбасадори, а на турнирот во Добој ја делат правдата повеќе од една деценија. Важат за најдобри судии во светот, и тоа го докажуваат постојано.

Меѓу дресовите се и два дреса од Кирил Лазаров, од репрезентацијата на Македонија, и плус уште еден дрес од Атлетико Мадрид.

Во својата колекција Борис Врховац моментално има околу 1.300 дресови, а во Добој изложил околу 170 експонати. Негова цел е што повеќе љубители на спортот да ја видат оваа уникатна збирка, иако вели дека организирањето вакви изложби не е лесно.

„Разликата помеѓу мене и другите колекционери е што со сите тие спортисти сум се сретнал лично и тие ми дале автограм на местото,“ додава Врховац.