Жалбата на српскиот првак Партизан на одлуката на Ракометниот Суд на ЕХФ за високата казна по нередите на средбата со АЕК Атина од Европскиот Куп, не беше прифатена.
Апелациониот суд на Европската ракометна федерација целосно ја потврди првостепената одлука, истакнувајќи дека санкциите се соодветни и пропорционални на фактите и прекршувањата што биле утврдени. Беше оценето дека постапката во првата инстанца била водена целосно во согласност со пропишаните процедури и дека донесената одлука е аргументирана и заснована на важечките регулативи.
Со оваа пресуда остануваат во сила сите изречени казни против белградскиот клуб. Партизан ќе мора да плати парична казна во износ од 15.000 евра поради несоодветно и крајно опасно однесување на своите навивачи за време на натпреварот со АЕК. Освен тоа, клубот доби и забрана за присуство на публика на следните пет домашни натпревари во натпреварувањата под капа на ЕХФ. Од овие пет, две средби се со условна суспензија во период од две години, што значи дека забраната за нив ќе биде активирана само доколку клубот направи нов прекршок во тој рок.
Партизан исто така ќе мора да ги покрие трошоците за организација на повторно закажаниот натпревар. Дополнително, клубот доби уште една казна во висина од 4.500 евра, откако неговите навивачи истакнаа политички транспарент на трибините.