Како што најавија пред неколку сезони кога за првпат беше организиран турнирот „Крсте Андоновски“, како минуваа годините така и квалитетот на екипите, организацијата и покажаниот ракомет постојано растеше. Годинава е 4. издание на турнирот кој од 19 до 23 август ќе се игра во салата во СРЦ „Билјанини Извори“ во Охрид. Од осумте екипи, дури шест лани завршија во ТОП 2 во своите држави, и доаѓаат три шампиони на своите земји. Во пет дена натпреварувања ќе учествуваат осум екипи од шест држави, што го прави ова најсилното издание досега. Во Група А се: Охрид, Партизан (Србија), Нексе (Хрватска), Киндил (Фарски Острови), а во Група Б ќе играат: Вардар, Еурофарм Пелистер, Динамо Панчево (Србија), Тримо Требње (Словенија) кој дојде како замена за АЕК Атина. Турнирот е посветен на ликот и делото на легендарниот ракометар и тренер Крсте Андоновски, а за четири години постоење веќе стана препознатлив спортски бренд.
Од утре стартува четвртото издание на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ во СРЦ „Билјанини Извори“, а меѓу учесниците ќе биде и македонскиот шампион Еурофарм Пелистер.
Битолчани славеа на второто издание на турнирот кога го победија Олимпијакос, а сезонава доаѓаат со исти амбиции, иако резултатот нема да им биде во прв план, туку воигрувањето на екипата, стандардно во оваа фаза од подготовките.
Капитенот Филип Кузмановски вели дека тие не обрнуваат на ривалите, туку поважно е создавањето на тимската хемија.
„Да бидам искрен во оваа фаза на подготовки, турнирот ќе го искористиме и ќе ни биде многу важен да се вратиме полека во натпреварувачки ритам, но исто и да се зближиме и да се воиграме како тим бидејќи имаме доста нови ракометари. Не обрнуваме многу внимание на ривалите во оваа фаза, бидејќи најважно за нас е ние како тим да се запознаеме и низ овие натпревари да изградиме силен тимски дух како што имавме и минатата сезона, а тоа се покажа клучно за освојување на шампионскиот пехар“, вели капитенот на битолчани.
Кузмановски не сака да издвои фаворит.
„Не би кажал кој е фаворит, јас се надевам дека сите екипи ќе пружат и ќе играат одличен ракомет каде што публиката ќе ужива гледајќи ги натпреварите од овој турнир“, продолжи Кузмановски.
Тој вели дека целите се исти како и минатата сезона.
„Целите се исти како и минатата сезона. Одбрана на титула, но претходно и конечно победа во Купот на Македонија, односно освојување на трофејот во ова натпреварување. Посакувам одличен настап во Лигата на шампионите, каде што ќе дадеме се од себе да ја поминеме групната фаза“, заврши капитенот.
На местото на Раул Алонсо, на тренерската позиција во Еурофарм Пелистер дојде Шпанецот Рубен Гарабаја. Тој на Златибор полека ги запозна играчите на кои ќе смета наредната сезона и ќе се обиде да го повтори и надмине ланскиот успех.
„Како што се приближуваме до стартот на сезоната, најважно за нас е да го најдеме натпреварувачкиот ритам. Секако дека ова е важен турнир и нашата цел е јасна – одиме на победа. Претсезоната е време кога најмногу се фокусираме на себе – да се запознаеме подобро и да ја изградиме тимската хемија. Сепак, имам одличен стручен штаб кој е детално информиран за секој наш противник. Тешко е да се каже кој тим е фаворит за трофејот во Охрид. Секој тим е во различна фаза од подготовките. Претсезонските натпревари секогаш изгледаат поинаку од оние во текот на сезоната“, вели Гарабаја.
Тој вели дека македонската Супер лига е тешко натпреварување.
„Македонската Супер лига е навистина тешко и квалитетно натпреварување, кое сме решени да го освоиме. Но, мора да одиме чекор по чекор, натпревар по натпревар – и на домашната, и на европската сцена“, заврши шпанскиот стратег.
❗❗ СИТЕ НОВОСТИ ПОВРЗАНИ СО 4. ИЗДАНИЕ НА ТУРНИРОТ „КРСТЕ АНДОНОВСКИ“ ВО Охрид можете да ги најдете во специјалниот дел посветен на турнирот на страниците на 24ракомет. ❗❗
❗❗ Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон… ❗❗
Состав на Киндил: Никола Митревски, Давид Брестовац, Сеид Хеидарирад, Цветан Кузманоски, Дејан Манасков, Петар Атанасијевиќ, Богдан Радивојевиќ, Рудолф Хекбарт, Жарко Пешевски, Калед Валид, Самоил Ристевски, Усама Хосни, Анжеј Видомски, Нејц Цехте, Домен Тајник, Павле Атанасијевиќ, Мирче Калајџиески, Алем Хаџиќ, Ник Хенигман, Филип Кузмановски, Илија Абутовиќ
дојдоа: Ник Хенигман (Шарт), Сеид Хеидарирад (Партизан), Анжеј Видомски (Гаврдија Ополе), Рудолф Хекбарт (Куенка), Калед Валид (Бешикташ), Мирче Кајалџиески (Еурофарм Пелистер 2), Рубен Гарабаја (тренер, Синфин)
заминаа: Филип Ивиќ ?, Ненад Костески (Автокоманда), Урош Борзаш (Автокоманда), Емилијан Ѓорговски (Автокоманда), Мохамед Мамду ?, Павле Петровиќ (Линц) Раул Алонсо (тренер, Лајпциг)
Распоред на натпреври „Крсте Андоновски“ – Киндил
20 август, 18:45, Еурофарм Пелистер – Тримо Требње
21 август, 21:00, Еурофарм Пелистер – Вардар
22 август, 16:30, Динамо Панчево – Еурофарм Пелистер
23 август, за пласман