Охрид ја започна новата приказна на чело со српскиот стратег Борис Ројевиќ, кој го започна тригодишниот проект.
Ројевиќ откри како се одвиваа преговорите со челниците на клубот и зошто ја прифати понудата од Охрид.
„Веќе при првиот разговор со луѓето од клубот, а особено со градоначалникот Пецаков, ја почувствував искрената желба, сериозната амбиција и големата љубов кон ракометот. Таа енергија веднаш ме привлече и беше клучна да ја донесам одлуката да дојдам во клубот, но и во земја каде што ракометот се доживува со толкава страст – можеби и најмногу на целиот Балкан“, вели Ројевиќ.
Во клубот пристигнаа девет нови засилувања и ќе треба време да се склопи мозаикот.
„Во новата сезона влегуваме со многу ентузијазам и мотивација. Тимот е значително променет – пристигнаа девет нови играчи и формиравме една сосема нова целина. Имаме квалитет, имаме добра мешавина од искуство и младост, но како и секој нов тим, ќе ни биде потребно време сè да дојде на своето место. Верувам дека од ден на ден ќе растеме“, продолжи Ројевиќ.
Тој добро ги познава ривалите на Охрид за највисок пласман.
„Македонската лига е без сомнение најсилна на Балканот. Пелистер игра во Лигата на шампиони, Вардар во Лига на Европа, а Македонија има и актуелен освојувач на ЕХФ Европскиот Куп, кој оваа сезона игра квалификации за Лигата на Европа. Тоа доволно зборува за квалитетот на натпреварувањето и предизвикот што е пред нас. Ние ќе одиме трпеливо, чекор по чекор, со вера во работата, стабилноста и поддршката што ја чувствуваме од луѓето и навивачите во Охрид. Нашата цел е јасна – да изградиме тим што ќе биде препознатлив по борбеност, заедништво и карактер. Верувам дека во текот на сезоната ќе успееме да го израдуваме нашиот град и нашата публика“, заврши Ројевиќ.
Охриѓани ќе бидат дел од турнирите во Струга и во Охрид пред официјалниот старт на сезоната.