Хеидарирад: Едвај чекам да ја почувствувам страста на битолските навивачи

Едно од засилувањата за наредната сезона за македонскиот шампион Еурофарм Пелистер е голманот Сеид Хеидарирад.

Иранецот со романски пасош доаѓа од српскиот шампион Партизан и ќе формира трио со Давид Брестовац и Никола Митревски.

Хеидарирад ги сподели првите импресии.

„Сакам да се заблагодарам на клубот кој ми ја понуди оваа можност да потпишам за Еурофарм Пелистер. Гледав многу натпревари минатата сезона, знам дека тука се навива како на фудбалски стадион и многу навивачи секогаш се со нас, едвај чекам да ја почувствувам таа страст“, вели Хеидарирад.

По две сезони пауза, голманот ќе игра повторно во Лигата на шампионите.

„Тука сум да ги подобрам перформансите на тимот. Веќе играв во Лигата на шампионите, пет сезони за Динамо Букурешт, и со нетрпение го чекам почетокот на новата сезона. Знам многу мои нови соиграчи од претходно, Го знам Никола Митревскки, секогаш бевме ривали, и во Португалија и во Романија. Се знам со Богдан, Усама, ги знам сите останатите ракометари од настапите со репрезентацијата. Многу добро сум примен и пресреќен сум што сум тука“, заврши Хеидарирад.