Иако беше најавен како големо засилување и веќе пристигна во Белград, словенечкиот ракометар Јануш Лапајне сепак нема да го облече дресот на српскиот шампион. И покрај постигнатиот договор минатиот викенд и планираниот потпис, трансферот не се реализираше, а тоа беше шок за Партизан.
Според информациите на „Моцарт Спорт“, Лапајне, кој до неодамна настапуваше за швајцарскиот Цирих, во неделата пристигнал во Белград, но само неколку часа подоцна, од нејасни причини, решил да се повлече од договорот. Се претпоставуваше дека токму тој ќе биде „шлагот на тортата“ во преодниот рок за „црно-белите“ и клучен играч во борбата за домашни трофеи и настап во групната фаза од Лигата на Европа.
Во Партизан не ја кријат својата разочараност и изненадување од неочекуваниот и, како што го опишуваат, непрофесионален потег на искусниот словенечки бек.
Лапајне претходно има богата интернационална кариера, со настапи за клубови како ПСЖ, Металург Скопје, Татран Прешов, Криенс Луцерн, Базел и Цирих.
Белградскиот клуб сега ќе мора итно да се сврти кон ограничениот пазар на слободни играчи и да бара ново решение за пополнување на ростерот.