Кои се идните ѕвезди на женскиот ракомет – избран Ол Стар тимот на ЕП

Седум различни држави се претставени во Ол Стар тимот младинското ЕП, а признанието за најкорисен играч МВП оди во рацете на средниот бек на домаќинот Црна Гора, Наталија Лекиќ.

Најдобар стрелец на турнирот беше левиот бек на Литванија, Габија Пиликаускаите, која постигна вкупно 83 гола – дури 19 повеќе од втората на листата, Холанѓанката Мод Хорверс. Пиликаускаите веќе има настапи во сениорските ЕП квалификации и беше прв стрелец и на кадетскиот ЕХФ шампионат во Азербејџан во 2023 година.

Две ракометарки веќе имаат искуство со вакви признанија. Данската лев бек Ан Долберг Плоугструп трета година по ред влегува во Ол Стар тим – по настапите на кадетското ЕП 2023 и кадетското СП 2024. Средниот бек на Шпанија, Белен Родригез, го доби своето второ признание по ред, откако минатата година беше МВП на Светското првенство за кадетки, каде Шпанија ја освои титулата.

За останатите членки на Ол Стар тимот, ова е прво појавување во елитното друштво – најавувајќи нова генерација ѕвезди во женскиот европски ракомет.