Големиот борец кажа крај – Борче Соколов ја заврши кариерата!

Еден од ракометарите за чие име се врзани успесите на кавадаречкиот ракомет е Борче Соколов. Искусниот лев бек реши дека сезоната 2024/25 ќе му биде последна во кариерата и завршува со активното играње ракомет.

38-Годишниот Соколов кариерата ја почна во некогашниот тим од Кавадарци, Винарска Визба Тиквеш, пред да замине во МАКС Струмица во 2011 и остана две сезони. Со овие две екипи има искуство во европските купови и во регионалната СЕХА лига.

Потоа две сезони мина во Охрид до 2015, па одново една во Струмица, во Радовиш играше две сезони до 2018. Следуваше камбек во Охрид, со кој излезе на европска сцена и таму заедно со претходниот престој комплетираше пет сезони.

Во родното Кавадарци заигра по десет сезони, но овојпат во тимот на Тиквеш, каде со своето искуство беше дел од најголемите успеси. Кавадарчани ќе мора да се потрудат да најдат добра замена за столбот на одбраната, кој сигурно ќе недостига во ростерот на Кристијан Грчевски.