Европската ракометна федерација денеска ги објави екипите што ќе играат во новата сезона од ЕХФ Европскиот Куп.
Тимот на Охрид е највисоко рангиран македонски претставник на петтата позиција и ќе стартува од второто коло од шеширот на носители.
Поради тоа што освојувачот на ЕХФ Европскиот Куп доаѓа од нашата земја, Македонија доби дополнително место во ова натпреварување, а тоа го искористи Тиквеш.
Кавадарчани исто така ќе стартуваат од второто коло, но ќе бидат во вториот шешир за ждрепката.
Трет македонски претставник во ЕХФ Европскиот Куп ќе биде тимот на Бутел Скопје кој побара вајлд-карта, а европската куќа на ракометот го одобри барањето.
Бутелци ќе стартуваат од првото коло и ќе бидат дел од вториот шешир пред ждрепката. Ждрепката за првото и второто коло во ЕХФ Европскиот Куп ќе се одржи на 15 јули во Виена.
Натпреварите од првото коло ќе се играат на 6/7 септември и 13/14 септември, додека оние од второто коло се на програмата на 11/12 октомври, односно 18/19 октомври.