Женската младинска репрезентација на Македонија утре го стартува настапот на Европското првенство во Црна Гора.
Претходното раководство на РФМ не организираше собири во ЕХФ неделите на кадетките и младинките, па настапот на ЕП во Црна Гора, практично ќе им биде собир по две години кога оваа генерација како кадетки играше исто така во Црна Гора.
Селекторот Симе Симовски посакува неговите ракометарки да се прикажат во добро светло.
„Без голема еуфорија ги сработивме подготовките заедно со трите пријателски натпревари против Хрватска и Косово. Сите знаеме во минатиот период колку и како е работено со оваа генерација на ракометарки во изминатите две-три години. Ќе пробаме да се покажеме во добро светло и да не разочараме, иако знаеме со кои репрезентации играме. Унгарија е светска велесила, Полска и Чешка се незгодни ривали. Направивме анализи за противниците, и пак се сведува на тоа да се прикажеме во најдобро светло, а резултатот ќе дојде сам по себе“, изјави Симовски.
Тој имаше проблеми со играчкиот кадар и на ова ЕП не може да смета на десниот бек Ива Младеновска и кружниот напаѓач, Хана Мифтари, кои откажаа поради повреди, а во текот на подготовките се повреди и десниот бек Маја Раткушиноска.
„Без секој се може и мора, и овие девојки што се тука ќе го дадат својот максимум и сметам дека се мотивирани и без повредените ракометарки“, заврши Симовски.
Првата средба на ЕП 2025, Македонија ја игра против Унгарија. Местото на одигрување е „Бемакс Арена“ со почеток во 19:30 часот, судии ќе бидат Германците Јансен и Хелбух, додека делегатка е Росица Димкова од Бугарија.