Охриѓанецот Наум Костов ново засилување за Струга

Ракометниот клуб Струга доби значајно засилување на десното крило – охриѓанецот Наум Костов официјално потпиша договор со клубот и ќе биде дел од составот за новата сезона. Откако обезбеди опстанок во елитата стружани сериозно се зафатија со носење на засилувања и задржување на актуелниот кадар.

Костов, кој игра на позицијата десно крило, е познат по својата брзина и прецизност. Својата ракометна зрелост ја покажа во тимот на Аеродром, каде се истакна како врвен изведувач на седмерци и ефикасен голгетер. Впечатливите настапи таму му донесоа повик од амбициозниот тим на Куманово, каде што продолжи со добрите игри и го задржа статусот на еден од најконстантните стрелци во првата лига.

Потоа дојде повикот од родниот Охрид каде продолжи. Сезонава, како играч на Охрид, Костов беше избран за играч на колото во изборот на 24Ракомет – признание кое го доби и минатата сезона како член на Куманово, како и претходната година додека настапуваше за Аеродром. Со тоа потврди дека е играч со стабилна форма и континуитет во добрите настапи.

Иако имаше важечки договор со Охрид, клубот му излезе во пресрет и му дозволи да се пресели во нова средина. Костов останува покрај езерото, блиску до родниот Охрид, но ќе го носи дресот на Струга во следната сезона.