Тимот на Охрид им парираше едно полувреме на „сино-белите“ од Автокоманда, но на крајот не успеа да освои бодови и се радуваа домашните со победа, 33-24.
На табелата сега охриѓани имаат пет бодови на четвртото место, исто толку има и Тиквеш, па меѓусебната пресметка ќе реши која екипа ќе оди во Европа.
Комбинираниот состав пионери, кадети и младинци со Бразилецот Винисиус, Костов и Ристевски одржуваа рамнотежа до 9-9, а до паузата домашните стигнаа до плус два, 11-9.
На стартот на второто полувреме момците на Кирил Лазаров отидоа на плус пет 14-9 и веќе немаше неизвесност околу победникот, туку само за конечниот резултат.
Најдобри стрелци кај победникот беа Гарбески со осум и Џонов со шест гола, додека кај Охрид се истакна Винисиус со девет и Костов со шест погодоци.