Ракометарите на Охрид на домашен терен ќе се соочат со Тиквеш во директна пресметка за четвртото место на табелата што води во Европскиот Куп.
Кружниот напаѓач Владимир Бојаниќ е внимателен пред дуелот со кавадарчани, на кој мора да се запише триумф за Охрид да биде сигурен во Европа, иако и петтото место може да донесе европски настап.
„Со Тиквеш имаме позитивен скор, но тоа не треба да не залажува. Ќе влеземе во натпреварот со 100%, како и досега, особено што е ова последен натпревар од плеј-офот. Овој меч директно одлучува за пласман во Европа, сите знаат каква е важноста на дуелот и сигурен сум дека сите ќе го дадат својот максимум, за да оствариме победа“, вели Бојаниќ.
Србинот знае со каков противник си имаат работа.
„Ќе влеземе во мечот најдобро што можеме, па ако е можно да даваме лесни голови во контра или полуконтра. Екипата на Тиквеш е искусна екипа која долго време игра заедно, имаат на секоја позиција врвни играчи, па ќе анализираме и ќе знаеме како ќе им се спротиставиме“, продолжи Бојаниќ.
Охриѓани во текот на целата сезона имаа проблеми со повредени играчи, па ниту сега нема да бидат комплетни.
„Колку сме толку сме, ќе излеземе и ќе дадеме се од себе. Нема да игра Орјоникидзе, но ние ќе се бориме за да оствариме победа и ги повикувам нашите навивачи за заедно да се прослави пласманот во Европа“, заврши Бојаниќ.
Натпреварот меѓу Охрид и Тиквеш се игра утревечер во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток во 20:00 часот.