Тимот на Бутел Скопје во новата сезона ќе биде посилен за грузискиот репрезентативец Давид Гришикашвили. Според информациите на 24Ракомет, деталите се веќе договорени и Грузиецот наскоро треба да стави потпис на договорот.
Станува збор за млад играч, роден 2007 година, за кој настапите во Бутел Скопје и во македонското првенство ќе бидат првите на интернационалната сцена.
Гришикашвили има одлични физички предиспозиции (199/95) и досега беше дел од составот на Пегаси Тбилиси.
Има освоени многу клупски и индивидуални награди и трофеи во Грузија, а селекторот Тите Каланадзе го повика и за сениорската репрезентација која обезбеди место на ЕП 2026, а претходно беше дел и од квалификациите за СП 2025. Во младинските репрезентации беше меѓу најдобрите стрелци во националниот тим.
Бутел Скопје оваа сезона се пласираше во плеј-офот на Супер лигата и ја продолжи традицијата да биде меѓу најдобрите екипи што се борат за титулата откако игра во елитното друштво.