„Напорната работа и различниот пристап ни се исплатија – имаме одлична генерација“

Пионерите на Охрид ја освоија шампионската титула оваа сезона, откако во финалето на Ф4 турнирот што се играше во Битола, го совладаа домаќинот Еурофарм Пелистер 2 со 21-12.

Младите охриѓани комплетно го надиграа ривалот и уште на полувремето го најавија триумфот кога водеа со 10-6.

Стратегот Наум Бабачев вели дека напорната работа со оваа генерација на дечиња се исплати.

„Ние за овој Ф4 турнир се спремавме подолго време, работевме напорно. Заедно со мојот помошник Митко Мурџоски имавме различен начин на работа, со многу видео анализи, преку тактички замисли, нови за оваа генерација на деца, која е навистина квалитетна. Јас бев воодушевен како ги извршија сите наши задачи и договори“, вели Бабачев.

Младите „гладијатори“ претходно во полуфиналето го елиминираа Вардар, а Бабачев вели дека иако не ги познавале многу добро ривалите, сепак очекувале титула.

„Не ги знаевме многу добро останатите екипи што играа на завршниот турнир, но потајно се надевавме дека можевме големата работа да ни се исплати и ја освоивме титулата“, заврши Бабачев.

Младите „гладијатори“ покажаа дека охриѓани не треба да се грижат за својата ракометна иднина, бидејќи го имаат најкорисниот играч и најдобриот стрелец, но и најдобриот голман.

Левиот бек Илија Трајчески даде 19 голови на средбите со Еурофарм Пелистер 2 и Вардар и заслужено беше прогласен за нај-стрелец и МВП, а се најде и во идеалната седморка, во која пак беа и голманот Симон Јовановски и средниот бек Јован Спироски.