Иако синоќа ја прославија титулата во Првата лига, ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 денеска го одиграа и мечот од 9 коло од плеј-офот и славеа убедливо на гостински терен кај Вардар Неготино со 38-17.
Младите битолчани го решија прашањето на победникот уште по првото полувреме кога имаа плус десет, 19-9.
Во вториот дел беше само прашање со колкава разлика во корист на гостите ќе заврши овој натпревар.
Младинските репрезентативци Ненад Белистојаноски со десет и Мирче Калајџиески со осум гола беа најдобри стрелци за Еурофарм Пелистер 2, а пет гола за неготинци даде Костадин Петров.
Еурофарм Пелистер 2 по една сезона пауза од септември се враќа во Супер лигата, откако запиша 16 победи на 16 меча во прволигашкиот плеј-оф.