Охрид го собра кремот – најдобрите екипи од регионот на турнирот „Крсте Андоновски“

На четвртото издание на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски“ што ќе се одржи од 19 до 23 август, потврдено е учеството на осум екипи.

Покрај домаќинот Охрид, претставници од Македонија ќе бидат двата најдобри клуба – Еурофарм Пелистер и Вардар.

Од странските екипи, како и лани доаѓаат српските екипи Партизан и Динамо Панчево, но и хрватскиот Нексе Нашице.

Овие три екипи се борат за титулите во Србија и Хрватска, а покрај езерото ќе дојде и АЕК Атина, кој е финалист на Европскиот Куп, но и финалист на плеј-офот во Грција.

Покрај балканските екипи, скандинавски шмек на турнирот ќе му даде и шампионот на Фарски Острови, тимот на Киндил Торшавн.

Групите ќе бидат извлечени на 9 мај, па ќе биде официјализиран и распоредот на натпреварите на турнирот, a трофејот ќе го брани екипата на Вардар.