Европската ракометна федерација ги делегираше официјалните лица за натпреварите од завршниот турнир во Лигата на Европа.
Честа да го судат финалето во ова европско клупско натпреварување им припадна на Македонките Силвана Карбеска и Марија Илиева.
По многуте отсудени дуели во Лигата на шампионите и во Европскиот Куп, ова е уште едно големо признание за двете македонски судијки.
Завршниот турнир во Лигата на Европа ќе се одигра во „Рајфајзен Арена“ во австрискиот град Грац.
Во првото полуфинале ќе играат германскиот Бломберг и данскиот Икаст, додека во втората полуфинална средба ќе се соочат францускиот Дижон и германскиот Турингер.
Полуфиналните средби ќе се играат на 3 мај, додека мечот за трето место и оној за злато што ќе го судат Карбеска и Илиева се играат на 4 мај.