Кил ќе патува на евро-меч со автобус повеќе од 12 часа!

Дури и еден од најголемите клубови во светот, Кил, реши да патува со автобус на натпревар од европските купови. Избраниците на Филип Јиха гостуваат кај францускиот Лимож во четвртфиналето, но нема да имаат многу одмор пред мечот.

„Зебрите“ кои имаат напорен распоред во сите натпреварувања, во десет дена имаат пет натпревари. Минатиот викенд одиграа два во Купот на Германија, следуваше дерби со Фуксе Берлин од Бундес лигата, па гостување во Гепинген за време на викендот.

Ракометарите не се вратија дома во Кил, туку од Гепинген заминаа на пат што ќе трае најмалку 12 часа со автобус, бидејќи авио-конекциите се со најмалку две прекачувања.

„Моите момци ќе седат во автобус 12 часа и ќе имаат шанса да се ‘регенираат’. Тоа е најбрзиот пат до Лимож, не е нормално, но тоа е нашиот спорт“, изјави Јиха.

Кил оваа сезона тешко дека ќе стигне до првите две позиции во Бундес лигата, па многу веројатно и наредната сезона ќе настапува во Лигата на Европа.