Кадетите од прв шешир во лов на ЕП 2026

Европската ракометна федерација ги објави шеширите пред ждрепката за квалификациите за ЕП 2026 во машка кадетска конкуренција.

Според рејтингот, Македонија ќе мора да игра квалификации со уште 19 други селекции за пласман на ЕП 2026 што ќе се игра во Србија.

Maкедонија ќе биде во првиот шешир заедно со Чешка, Полска, Црна Гора и Италија, па нема да игра со нив во квалификациите.

Ќе бидат формирани пет групи со по четири селекции, а најдобрите две од петте групи ќе обезбедат место на континенталниот собир. Тоа значи дека 20 селекции се борат за десетте места на ЕП 2026.

Покрај домаќинот Србија, на ЕП 2026 што ќе се игра од 8 до 18 јули, директно се пласирани Хрватска, Данска, Шпанија, Германија, Унгарија, Исланд, Португалија, Шведска, Австрија, Фарски Острови, Франција, Словенија и Норвешка.

Квалификациите ќе се играат од 31 октомври до 2 ноември, а ждрепката ќе се одржи утре, на 23 април, со почеток во 11:00 часот.

Квалификации за ЕП 2026, шешири:

шешир 1: Македонија, Чешка, Италија, Црна Гора, Полска
шешир 2: Грција, Израел, Романија, Швајцарија, Украина
шешир 3: Финска, Летонија, Литванија, Словачка, Турција
шешир 4: Кипар, Естонија, Косово, Луксембург, Холандија