Младинскиот тим на Еурофарм Пелистер се пласира во финалето на квалификацискиот турнир за пласман на Ф4 во Лигата на шампионите, откако имаше моќно издание против полскиот Келце и славеше со 37-29.
Предводен од Алем Хаџиќ, кој даде 14 голови, битолскиот тим уште по првиот дел го реши прашањето на победникот кога водеше со плус 11, 22-11. Вториот дел беше само формално одработување на задачата, бидејќи ниту еднаш Келце не ја спушти разликата под осум гола.
Битолчани тргнаа одлично и поведоа со 3-0 преку Хаџиќ и Буторац, а одличен на голот беше Фехми. По десетина минути беше 8-3 за Еурофарм Пелистер, па тренерот на Келце мораше да бара тајм-аут.
Фехми ги излуде полските ракометари, им фати два седмереци и уште еден зицер, а за тоа време на спротивната страна погодуваа Марковски, Лозановски, Ѓорѓиевски, Симоновски…и предноста на Еурофарм Пелистер отиде на плус шест, 13-7 по дваесетина минути игра.
Тренерот Мемиќ одлично ја распоредуваше минутажата кај сите ракометари, грешките кај Келце само се нижеа, а Буторац со два гола во серија зголеми и на 16-7. Тренерот пак на полскиот тим, Литовски, мораше да бара нова минута одмор. Неговите момци уште повеќе грешеа, а битолчани играа како по ноти предводени од Хаџиќ, па на паузата македонскиот тим водеше со цели 11 голови разлика, 22-11!
На стартот на вториот дел Еурофарм Пелистер отиде и на плус 13, 25-12, па во продолжение можеше рутински да се одработува натпреварот и да се заштедат дел од силите за финалето. Шанса за игра добија повеќето ракометари, но двоцифрената предност на битолчани се намали само во последните неколку минути.
Најдобри стрелци во нашиот состав беа Хаџиќ со 14 гола и Буторац со седум, додека пет постигна Лозановски. Голманите Фехми и Трсунов комбинираа десет интервенции. Противник на македонскиот тим во финалето и во битката за пласман на завршниот турнир во Келн ќе биде победникот од дуелот меѓу Динамо Букурешт и Висла Плоцк.