Ракометарките на Металург Автокоманда на гостувањето во Куманово кај истоимената екипа триумфираа со 27:20 во натпревар од 13. коло од плеј-оф фазата во Женската лига.
По нерешените 1:1, гостинките влегоа во ритам и до крајот на полувремето одржуваа предност, најчесто водеа со три до четири гола разлика. Куманово никако не можеше да заигра според посакуваното и едноставно се одеше преку Зечевиќ, која ги постигна сите гола на нејзиниот тим во првото полувреме.
Избраничките на Јулијана Дамчевска во финишот од првиот дел зголемија и на плус пет позитива, 11:6, во уште еден момент ја имаа максимална предност, 12:7, а по 30 минути игра резултатот беше 12:8 за гостинскиот состав.
Гостинките во првите десет минути од вториот дел се одлепија на 18:10 и тука беше јасно дека Металург Автокоманда ќе запише нова победа. До крајот немаше поголема промена на теренот, домаќинките се обидуваа да го ублажат поразот, но грешките си го направија своето.
Најефикасни во победничката екипа беа Марија Јанкуловска со седум и Марија Гугуљанова со шест погодоци. Кај Куманово расположена беше Сузана Зечевиќ со десет погодоци.