Женската репрезентација на Македонија денеска го игра првиот бараж натпревар против Полска за пласман на СП 2025.
Македонските репрезентативки последен пат беа дел од СП 2007 година, па ќе имаат уште поголем мотив по долго време да се вратат на Мундијалите.
Полска има искусен состав, Плачек, Кобилинска, Матушик, Росијак, Балсам…но не е од врвот на европскиот ракомет. Домаќинките очекуваат победа, но знаат со каков ривал си имаат работа и кои се предностите, односно слабостите на Македонија.
„Првиот меч со Македонија го играме дома, па мора да се фокусираме само на нас. Мора да играме цврста одбрана и да ги победиме двата натпревари. Знаеме дека сме фаворити, но Македонките нема да се откажат и ќе дадат се од себе. Koга играме дома, нашите фанови се нашиот осми играч“, вели голманката Адријана Плачек.
Полските репрезентативки велат дека направиле одлична анализа на ривалот.
„Ги анализиравме Македонките, знаеме дека имаат добра соработка со пивот и ќе бидеме подготвени за тоа. Станува збор за добар тим, кој на ЕП имаше добри секвенци и на дуелите со фаворитите. Не смееме да ги потцениме Македонките, но сакаме да победиме на двата меча. Верувам дека клучот е во нашата одбрана. Македонките имаат понекогаш проблеми со брзо враќање во одбрана, па мора да го искористиме тоа“, вели пивотот Александра Олек.
Натпреварот меѓу Полска и Македонија во Кошалин стартува од 20:30 часот, а реваншот е во Битола на 12 април од 19:00 часот.