Екипата на Магдебург е блиску до пласман во четвртфиналето во Лигата на шампионите, откако на гостувањето во Романија кај Динамо Букурешт славеше со 30:26 во првиот натпревар од осминафиналето.
По почетниот резултат 1:1, бундеслигашот започна постепено да ја зголемува разликата и во два наврати имаше плус осум (13:5, 14:6). Романскиот шампион мораше да вложи многу напори за да ја анулира високата негатива, но и да ја подобри играта, па така по 30 минути игра резултатот беше 17:11 во корист на гостите.
Избраниците на Давид Дејвис се обидуваа преку сите можни варијанти да направат кам-бек, но грешките си го направија своето. Магдебург имаше неколку расположени ракометари за игра, иако Никола Портнер немаше многу одбрани, за 60 минути запиша девет интервенции.
Готинскиот тим на дваесетина минути пред крајот имаше плус седум, 22:15, и тука беше јасно дека Магдебург ќе ја однесе победата. Динамо Букурешт успеа само пристојно да загуби, односно не му дозволи на ривалот да победи со поголема разлика.
Магдебург во победата беше предводен од Омар Магнусон со шест погодоци, по пет имаа двајцата репрезентативци на Шведска, Феликс Клар и Албин Лагрегрен.
Во тимот на Динамо Букурешт прво име беше Акименко, кој зад своето име запиша шест погодоци.
Реванш натпреварот меѓу двете екипи ќе се одигра на 2 април во Магдебург.