Машката младинска репрезентација на Македонија повторно одигра нерешено против Полска, 27:27. Исто како и на вчерашниот натпревар, голманот Давид Брестовац не дозовли домаќините на победат, во последната секунда го запре ударот на ривалот.
Полјаците на денешниот натпревар имаа „домашно судење“, бидејќи судиите им овозможуваа груба игра, додека секој поостар старт на Македонија беше санкциониран, па дури доделија и три црвени картони на нашите ракометари.
Избраниците на Стојановиќ тргнаа одлично и во воведните пет минути имаа 2:0. Домаќините првиот гол го постигнаа по шест минути игра, потоа изедначија на 2:2 и до 15. минута двете репрезентации наизменично се менуваа во водство.
По нерешените 6:6, домаќините искористија дел од грешките на Македонија, како и неколкуте исклучувања во редовите на „црвено-жолтите“, направија серија од 6:0 и се одлепија на 12:6. Полска до крајот на полувремето имаше контрола и на пауза замина со плус пет, 16:11.
Како што одминуваше вториот дел, така Македонија ја топеше предноста на ривалот и во 40. минута направи камбек израмнувајќи на 17:17. Во овој период судиите доделија уште еден црвен картон, па така капитенот Андреј Стојановски мораше да се пресели на трибините.
Во последниот период од натпреварот секој напад значеше многу. Откако беше 21:21, избраниците на Стојановиќ со два гола во низа се одлепија на 23:21 и речиси до последната минута беа во предност. По израмнувањето на Полска на 27:27, Македонија не успеа да реализира во својот последен напад, останаа уште дваесетина секунди, но ниту домаќините не реализираа, бидејќи Брестовац повторно беше на висина на задачата и го запре ударот на ривалот.
Македонија на овие конторлни натпревари немаше на располагање неколку стандардни првотимци. Дел од нив имаа обврски со сениорската репрезентација, а други не можеле да им помогнат на своите колеги поради повреди.
Овие пријателски натпревари беа дел од подготовките за настапот на младинскиот Мундијал, кој ќе се одржи од 18 до 29 јуни во Полска.