Митревски и Тодоровски ќе го судат најважниот меч од последното коло во ЛШ!

Македонската двојка Димитар Митревски и Благојче Тодоровски ќе го судат еден од двата најважни натпревари во последното коло во Лигата на шампионите.

Европската ракометна федерација ги делегираше официјалните лица за дуелите од 14 коло, а меѓу нив и Митревски и Тодоровски.

Македонските арбитри добија доверба од ЕХД да го судат натпреварот меѓу каталонскиот гигант Барселона и Колстад, на кој се решава судбината за пласман во осминафиналето на норвешкиот првак.

Колстад мора да освои најмалку бод на гости во „Блауграна“ за да биде сигурен осминафиналист или да се надева на пораз на Келце кај Загреб, кој е веќе елиминиран.

Норвешкиот тим е шести со 11 бода, Келце е седми со девет бода, но и подобар меѓусебен дуел од Колстад, па Полјаците ќе се надеваат на пораз на директниот конкурент.

Натпреварот меѓу Барселона и Колстад се игра во „Блауграна“ на 5 март со почеток во 18:45 часот.