Ракометната треска на Фарски Острови продолжува, иако репрезентацијата имаше неуспешен обид да се пласира на Мундијалот во 2025 година.
Во Торшавн се отвори нова сала „Тјарнир“, која има капацитет од 3.200 седишта, а за мечот од квалификациите за ЕП 2026 против Холандија, сите билети се продадоа за само три минути.
„Ракометните репрезентативци се вистински ѕвезди кои се обожавани од сите, некои од нив не можат на мир да шетаат по улица“, вели за ТВ2, Ган Елефсен, претседателот на федерацијата на Фарски Острови и татко на Елијас Елефсен а Скипаготу, членот на Кил.
Околу 1.000 навивачи од Фарски Острови ќе патуваат и на гостински терен кај Холандија на вториот меѓусебен натпревар од квалификациската група, во која се уште Украина и Косово.
Елефсен откри дека скоро сите деца на Фарски Острови тренираат ракомет.
„На нашиот турнир за деца до 8 години, имаше околу 600 деца, а просечно во годината се раѓаат 400 деца и тоа значи дека скоро сите деца тренираат ракомет“, раскажа Елефсен.
Фараните се на добар пат да обезбедат место на континенталниот собир, откако запишаа една победа во првите два меча од квалификациите за ЕП 2026.