Со комплетирањето на натпреварите од 14 коло од групната фаза во Лигата на шампионите, познати се двојките за осминафиналето и четвртфиналето.
На патот до завршниот турнир на 31 и 1 јуни во „МВМ Арена“ во Будимпешта, осум екипи ќе играат осминафиналето, а победниците ќе одат на четвртфинални двобои со прво и второпласираните од групите, кои ја скокат елиминациската фаза.
Македонија ќе има само еден претставник во осминафиналето – Сара Ристовска и нејзиниот Рапид Букурешт, кој ќе мора на мегдан на градскиот ривал ЧСМ Букурешт. Победникот од овој дуел ќе игра со данскиот Есбјерг за место на завршниот турнир.
Интересна ќе биде и пресметката меѓу францускиот Брест Бретањ и хрватската Подравка, а победникот ќе игра против силниот Мец. Крим ќе се соочи со Лудвигсбург, додека Сторхамар ќе игра против Оденсе во сканди-двобојот.
Натпреварите од осминафиналето се играат на 22/23 март, односно 29/30 март, додека четвртфиналните средби се закажани за 19/20 април, односно 26/27 април.
Во Лигата на Европа, познати се четвртфиналните двојки, а победниците од дуелите што се играат на 22/23 март, односно 29/30 март, ќе се пласираат на завршниот турнир.
Во ТОП 8 ќе играат три екипи од Германија (Бенсхајм, Бломберг и Турингер), две од Романија (Дунареа Браила и Валчеа), како и по една од Данска (Икаст), Шпанија (Бера Бера) и Франција (Дижон).
Ф4 во второто по ранг европско клупско натпреварување ќе се одржи во Грац на 3 и 4 мај.