ЕХФ ја казни Македонија: РФМ заборавила да пријави термин за натпревар!

Европската ракометна федерација објави дека парично ја казни Ракометната федерација на Македонија.

РФМ ќе мора да плати 3.500 евра поради тоа што навреме не ги исполнила обврските што се дел од пропозициите за квалификациите за ЕП 2026 во машка конкуренција.

Македонската куќа на ракометот не ги пријавила во пропишаниот рок термините и саатниците за домашните натпревари на избраниците на Кирил Лазаров против Словенија и Литванија.

„Ракометниот суд утврди дека недавањето на задолжителните информации е јасно и крајно сериозно прекршување на прописите на ЕХФ и на обврските кои произлегуваат од учеството во квалификациите“, пишува во соопштението.

Покрај РФМ, казна доби и Хрватскиот Ракометен Сојуз за ист прекршок.

Македонија ќе ја пречека Словенија на 12 март во СЦ „Борис Трајковски“ од 20:00 часот, додека последниот домашен натпревар против Литванија е закажан за 11 мај во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 18:00 часот.