Данската ракометна федерација објави дека за три дена се распродадени билетите за финалниот ден на Европското првенство 2026 година што ќе се игра во Данска, Норвешка и Шведска.
Натпреварите од финалниот викенд ќе се играат во „Јуске Банк Боксен“ во Хернинг, со капацитет од 15.000 гледачи, а билети веќе нема на скоро година дена пред настанот.
„Билетите беа пуштени во продажба во петокот и ги снема во текот на викендот. Најскапите билети се продадоа најпрво“, велат од данската федерација за ТВ2.
Групите А и Б ќе се играат во данскиот Хернинг, Ц и Д во главниот град на Норвешка – Осло, додека Малме и Кристијанштад ќе бидат домаќини на групите Е и Ф. Главната рунда ќе биде на програмата во Хернинг и Малме, додека финалниот викенд во данскиот град.
Тоа значи дека Данска целиот тек на шампионатот ќе го игра на домашен терен и ќе има шанса да ги обедини светската и европската титула.
Македонија е во група со Словенија, Литванија и Естонија и се наоѓа на добар пат да обезбеди место на континенталниот собир.