Тимот на Радовиш очигледно е решен да избори опстанок во суперлигашката конкуренција, откако минатото лето преку драматичен бараж меч се врати како што играше долги години. Сега е последен на табелата, но им преттсои и плејаут каде има нова шанса за опстанок, бидејќи ќе играат со екипите што се пласирани од 7 до 12 место на табелата по регуларниот дел од сезоната.
Од денеска во тимот на Спасе Ѓорѓиев и Александар Долдуров ќе бидат искусните Ивица Илиев и Славјан Паунов, кои доаѓаат во позната средина и ќе се обидат да му помогнат на клубот да остане во елитата.
Илиев и Паунов сезоната ја почнаа во Велес, во тимот на Борец ФЛ, но таму се променија голем дел од работите, па двајцата заминаа од новиот суперлигаш и сега се враќаат во клубот каде минаа голем дел од своите кариери. Од денеска тие веќе тренираат со новите соиграчи.
Радовишани се уште немаат победа во оваа сезона во Супер лигата, но таму почнаа да дуваат нови ветришта и сите во клубот се надеваат дека победите ќе дојдат тогаш кога најмногу ќе треба – во плеј-аутот. Само последниот тим директно испаѓа, а 11 пласираниот ќе игра бараж со второпласираниот од Прва лига.
Покрај Илиев и Паунов, во Радовиш треба да дојдат и најавени странски засилувања од Либан, Тунис и Алжир, а претходно на клубот му пристапија пивотот Томче Трајчевски и средниот бек Петар Цветковски. Преодниот рок е до крајот на месецов, а дотогаш се уште ќе се играат мечевите од регуларниот дел на сезоната. Веднаш потоа стартува плејофот и плејаутот.