АНАЛИЗА СП 2025: Најлесен меч за играње – нема што да загубиме, а може многу да добиеме!

Машката ракометна репрезентација на Македонија првиот натпревар на Светското првенство 2025 го игра против најсилниот противник во групата – Унгарија.

Екипа предводена од Шпанецот Чема Родригез, која има квалитетни играчи кои настапуваат во Лигата на шампионите. Според мене кружните напаѓачи Банхиди и Рошта се најквалитетниот дел од тимот, следат десните бекови, Мате, Анчин и Илиќ, лев бек Бодо…Унгарија ја има можеби најдобрата одбрана во Европа во моментов. Гранитна дефанзивна линија која прима од 20 до 25 гола по натпревар и која е тешко да се пробие. Истовремено тоа е и офанзивна селекција, која има квалитетни решенија на бековските позиции, а проблеми на противниците и прави и пикерското дуо. Македонија посакува изненадување, но ќе биде многу тешко. Според мене Унгарија е апсолутен фаворит во овој дуел.

На сите добро им е познат составот на нашата репрезентација на ова Светско првенство. Големо изненадување, за мене, е отсуството на Талески. Бекот многу го напаѓавме на последните првенства, но Талески не е само добар напаѓач, туку игра добро и во одбраната, особено на централните позиции. Сметам дека за него требаше да има место во составот за ова првенство. Посебно во играта во одбрана, за која сметам дека ќе биде проблем да ја составиме, ќе недостасува. Во последен момент од состав е исклучен и Аларов, кој во последните натпревари за Вардар покажа дека одлично соработува на централните позиции со Лазаревски во 6-0 одбраната која преферира селекторот Лазаров да ја играме на ова првенство. Не сум сигурен како ќе се снајдат во дефанзивата Карасманакис, Стојковиќ и ветеранот Маркоски. Секако и Џонов, кој некогаш игра на халф. Посакувам да мине се добро, но сум скептичен во тој поглед. Како проблем во одбраната го гледам и тоа дека нашите крилни играчи тешко можат да покријат халф во одбрана, освен Петар Атанасијевиќ.

Што се однесува до дуелот со Унгарија мислам дека Лазаров ќе почне со агресивна 6-0 одбрана, но таа мора да биде многу активна и да излегува до девет-десет метри на квалитетните противнички шутери. Паралелно ќе мора да ги покрива и пикерите, затоа што ако останат Банхиди и Рошта „еден на еден“ со нашите пикери немаме шанса да ги запреме. Некоја варијатна 5-1 исто така тешко би поминала затоа што така одново се отвора простор за кружните напаѓачи. Се надевам на добар меч, борбено во одбрана, дека ќе успееме да затвориме, затоа што единствено така ќе имаме шанси да го спречиме унгарскиот напад.

Голем број стручњаци сметаа дека со завршувањето на репрезентативната кариера на Лазаров, Миркуловски и Стоилов ќе имаме проблем при постигнување голови, селекторот изнајде начин да бидеме ефикасни на тој план и покрај тоа што немаме класични шутери. Децата пораснаа! Митев стана напаѓач кој разбива секаква одбрана, Серафимов на секое натпреварување игра се подобро и подобро, Кузмановски ја превзема улогата на водач, а имаме и пикер во два правци во Лазаревски што ни недостасуваше години наназад. Ефикасно решение е и играта „седум на шест“ со два пивоти, кое мислам дека ќе одговори на играта на Унгарија. Шанса ни е брзата транзиција со лесни голови. „Рецептот“ би бил одбрана со многу движења за да се затвори посилниот ривал и брза транзиција, а за тоа ќе биде потребно да помогнат и Митревски и Кизиќ и да ја репризираат одличната игра на голот од подготвителниот дуел со Хрватска. Како тренер овој меч е најлесен за играње, немаме што да загубиме, а може многу да добиеме! Посакувам успех и да покажеме и на ова СП дека Македонија игра одличен ракомет.

Напред Македонија!