ФОТО: Thomas Schips

Двајца клучни играчи на Италија неизвесни за настап на Мундијалот

Селекторот на машката репрезентација на Италија, Рикардо Трилини, го објави списокот за последната фаза од подготовките пред настапот на Светското првенство 2025.

Трилини смета на 18 ракометари, а неизвесни за настап на Мундијалот се двајцата клучни играчи – капитенот Андреа Парасини и Марко Мењон.

Двајцата ракометари се уште се рехабилитираат од повредите и наскоро би требало да се знае дали ќе настапат на СП, а селекторот на ,,азурите” е голем оптимист и ги смести двајцата на списокот за последната фаза од подготовките.

Италија пласманот на СП го обезбеди откако ја елиминираше Црна Гора во бараж двомечот, а сега ќе има тежок предизвик. Избраниците на Трилини за ривали во групната фаза ги имаат репрезентациите на Данска, Тунис и Алжир.

Репрезентацијата на Италија последната подготвителна фаза ќе ја мине во Германија, таму ќе одигра уште неколку пријателски натпревари пред заминувањето за данскиот град Хернинг.