Нема крај на сапуницата „тепачка во Загреб“ – Милош Кос пријавен во полиција!

Иако помина околу месец дена од шокантниот случај во соблекувалната на хрватскиот првак Загреб, нема крај на сапуницата.

Тогаш УО на клубот донесе одлука за привремена суспензија на Милош Кос и Звонимир Срна, поради физичката пресметка која ја предизвикал Кос. Тој го нападнал Мандиќ, кој заврши со скршен нос, а Срна се вмешал во одбраната, но и тој го извлекол подебелиот крај.

Приказната сега добива продолжение. Во полицијата во Загреб е пријавен „напад од страна на Милош Кос кој се сомничи дека на 27 ноември во 22:30 часот по меч во соблекувалната го нокаутирал соиграчот Матеј Мандиќ“.

Самиот настан тогаш не бил пријавен, а веднаш по сознанието за горенаведеното во медиумите е преземена полициска и кривична истрага. Спроведената кривична истрага утврдила дека „Кос, кој е државјанин на Босна и Херцеговина и Србија, по вербален конфликт физички го нападнал 20-годишникот и тешко го повредил, а соиграчите го спречиле дополнително да го нападне“.

Полицијата, без да прецизира кој ја поднел, потврди дека против Кос е поднесена кривична пријава до надлежното oбвинителство во Загреб.