Поранешниот стратег на Тиквеш и најуспешен селектор на Босна и Херцеговина, Драган Марковиќ, го тужи Ракометниот сојуз за неисплатени плати во минатото.
Откако Ракометниот Сојуз на Босна и Херцеговина доби матичен број, а со тоа се активираа и долговите, па јасно е дека босанската куќа на ракометот ќе мора да ги подмири сите заостанати долгови кон поранешните селектори.
Еден од оние кои чекаат на своите заработени плати е најуспешниот селектор Марковиќ, кој ја водеше Босна и Херцеговина на СП 2015 во Катар. Постапката веќе е во тек.
„Искрено не сакам да го тужам сојузот, настојував во последниот период да постигнеме одреден договор и би простил дел од долгот. Тоа го пролонгирав и барав мирно решение, но на крајот не добив никаков одговор, ниту повратна информација. Бев принуден да поднесам тужба. Што се однесува до тужба во ЕХФ, тоа не сакав да го направа. Едноставно не сакав да создавам проблеми на репрезентацијата која ја водев со успех, како ниту клубовите кои би имале проблем по евентуална суспензија од Европа, а не се криви, како што не се криви ниту играчите“, изјави Марковиќ за „Глас Српске“.
Ракометниот Сојуз на БиХ се спаси во последен момент од суспензија од ЕХФ, како националниот тим така и клубовите што играат во Европа, откако на почетокот на овој месец му го исплати целиот долг на екс селекторот Ивица Обрван кој изнесуваше околу 140.000 евра.