Сензација во грчкиот Куп: Диомидис го елиминираше големиот Олимпијакос!

Тимот на Олимпијакос втора сезона по ред е елиминиран во осминафиналето на Купот на Грција.

Шампионот на јужниот сосед на Македонија загуби на пенали од Диомидис Аргус со 36-35, откако во регуларниот дел мечот заврши 26-26. По двете продолженија исто така беше нерешено, 31-31, па мораше да се изведуваат пенали, во кој тимот на Жељко Бабиќ не успеа да слави.

Во четвртфиналето Диомидис Аргус ќе се соочи со тимот на ПАОК Солун каде што играат Виктор Гигов и Дарко Георгиевски. Солунскиот тим ја елиминираше Драма по триумфот со 32-30.

Аеропос Едеса на Владимир Трајкоски, кој даде шест гола, загуби дома од Врилисија со 31-23. Победникот од овој двобој оди на Јоникос, додека во другите четвртфинални дуели ќе играат АЕК Атина – Панелиниос, односно Зафеиракис – Дукас на 22 јануари.