Екс вардарците Лекиќ и Милосављев најдобри во Србија за 2024 година

Ракометниот Сојуз на Србија прослави 75 години од основањето, а на истата манифестација во соработка со „Спортски Журнал“ беа прогласени и најдобрите во повеќе категории во 2024 година.

Капитените и тренерите на суперлигашките екипи во машка и женска конкуренција за најдобри ги избраа некогашните членови на Вардар, Андреа Лекиќ и Дејан Милосављев.

Лекиќ со новото признание, стана рекордерка со титулите за најдобра српска ракометарка, додека Милосављев е втора година по ред прогласен за најдобар ракометар на Србија.

Меѓу младите играчи имаше по два лауреати – еден од домашното првенство и еден од странство. За најдобри беа прогласени Огњен Цениќ и Урош Станковиќ, а кај дамите Миа Недељковиќ и Лара Станиќ.

За најдобар тренер беше избран стратегот на Војводина, Борис Ројевиќ, кој освои тројна круна со тимот од Нови Сад, додека за најдобри судии беа прогласени Горан Ковач и Срѓан Милосављевиќ.