Актуелниот шампион Ѓорче Петров фуриозно ја започна одбраната на титулата, откако во првото коло од плеј-оф фазата славеше над Чаир со 40:27.
Во првите петнаесетина минути се играше гол за гол, гостинките во тој дел успеаја да бидат рамноправен ривал, но по нерешените 5:5 домаќинките влегоа во ритам и до крајот на полувремето постепено градеа солидна предност.
Во составот на Симе Симовски шутерски расположена беше Ивана Дежиќ, која во првите 30 минути десет пати се запиша во листата на стрелци. Ѓорче Петров најпрво зголеми на 10:6, потоа дојде до плус пет, 12:7, и како одминуваше времето, така Чаир немаше идеја како да дојде до реализација.
Домашниот тим на полувреме замина со предност од 20:10 и во второто полувреме во континуитет ја одржуваше предноста со максимална контрола на играта и резултатот. По петнаесетина минути игра во вториот дел беше 31:18 за домаќинките, а во последниот дел од натпреварот Чаир не успеа да ја преполови негативата, па така високиот пораз беше неизбежен.
Ивана Дежиќ блескаше на теренот, постигна 17 погодоци, додека кај Чаир се истакна Стефанија Ѓорѓиевска со девет погодоци, седум додаде Теодора Гулицоска, а шест запиша Бојана Диневска.