Ракометарите на Струга по два месеци запишаа триумф, откако славеа против Куманово со 29-23. Ова беше трета победа во сезоната за избраниците на Наум Танески, кои по Радовиш и Пролет, ги совладаа и кумановци, со подобрата игра во вториот дел. Иако гостите диктираа темпо и имаа контрола во првото полувреме, сепак стружани беа подобрата екипа во вториот дел и заслужено се радуваа на два бода на овој натпревар. Двете екипи и натаму остануваат во долниот дел на табелата и сосема извесно ќе се борат за опстанок во елитната конкуренција.
Предводени од триото Цветковски, Димевски, Винисиус, Куманово играше подобро на стартот на мечот, водеше со 5-2, а потоа и со 7-3. Гостите одржуваа плус четири скоро во текот на целото прво полувреме.
Сепак до пред паузата, Матески и Пајкоски реализираа и Струга се доближи на минус еден по првите триесетина минути, 14-13.
На стартот на второто полувреме домашните заиграа подобро, искористија неколку грешки на кумановци и Mијушковиќ и Костоски поведоа серија со која Струга се одлепи на плус три, 19-16.
Тренерот на гостите, Димковски, мораше да повика тајм-аут и да ги смири своите избраници. Тие не беа инвентивни во нападите, им дозволуваа на стружани кои исто така не блескаа, да ја одржуваат предност, иако во еден момент гостите намалија и на минус еден.
Во последните десетина минути се влезе со 24-21 за Струга, голманот Остиќ бранеше добро во тој период и домашните стигнаа до плус пет, 27-22, па немаше веќе дилеми околу победникот на овој дуел.
Гостите згора на се останаа и без столбот на одбраната, Христијан Крстаноски, кој доби трето исклучување и црвен картон, додека на две минути до крајот црвен картон доби и Јулијан Матески од Струга по трите исклучувања, но тоа не влијаеше на конечниот резултат.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Ненад Костоски со 11 гола и Богдан Мијушковиќ кој даде седум, додека кај Куманово се истакна Давид Димевски со девет погодоци.