Раичевиќ: Немам амбиции да бидам тренер

Легендарната црногорска ракометарка Милена Раичевиќ, реши да ја заврши кариерата по настапот на Европското првенство во Австрија, Швајцарија и Унгарија.

Таа го одигра првиот меч на ЕП против Србија, поради повреда не играше на следните, додека влезе да шутира пенал на дуелот со Шведска од последното коло во главната рунда.

Во меѓувреме таа доби отказ од романскиот Рапид Букурешт, но реши дека нема да бара нов клуб и завршува со активно играње.

„Знам дека ќе има коментари, па зошто сега, па уште е рано. Но јас сметам, дека дојде време и дека донесов правилно решение. Посакував да ја завршам кариерата додека играм за репрезентацијата. Се му дадов на ракометот, и тој ми врати во иста мера. Сега семејството ми е на прво мест. Во последно време ми беше тешко поради честите разделби со синот кога патувавме со клубот. Јас знам како е кога родителите не се покрај тебе. Како мајка, сакам да бидам со својот син. Сега ќе се одморам и ќе поминам некое време со најблиските. Искрено, немам амбиции да станам  тренер. Сепак имам желба да останам и понатаму дел од ракометот и да помогнам во неговиот развој во рамките на моите можности“, изјави Раичевиќ за „Вјести“.

Таа најголемиот дел од својата кариера го мина во тимот на Будуќност, каде играше до суспензијата, а минатата полусезона се пресели во романскиот Рапид Букурешт, каде ја заврши авантурата пред ЕП 2024.