ФОТО: Jozo Cabraja / kolektiff

Унгарија и Австрија со победнички старт, Португалија ја намачи Шпанија

Денеска со три натпревари започна 16. издание на Европското првенство во женска конкуренција, на кое ко-организатори се три земји –  Унгарија, Австрија и Швајцарија.

Во групата А, во која се наоѓа и репрезентацијата на Македонија, еден од домаќините, репрезентацијата на Унгарија, победнички го отвори континенталниот собир.

Унгарија за ривал во првото коло ја имаше Турција и сосема очекувано дојде до триумф, кој што беше изразен со шест гола разлика, 30:24.

Турција се покажа како незгоден ривал во првите 15-20 минути, во овој период од првото полувреме беше во предност, водеше со еден разлика, но во ниту еден момент не успеа да се одлепи на позитива од ,,плус два”.

Откако Турција во последните десет минути од првото полувреме влезе со предност од 8:7, домаќинките направија серија од 6:0, целосно го затворија ривалот, на полувреме заминаа со предност од 13:8 и според планираното одиграа во вторите 30 минути.

Избраничките на Головин во 2. коло од групната фаза ќе играат против Шведска, додека Турција ја очекува натпреварот со „црвено-жолтите“.

Австрија, која исто така е еден од домаќините на ЕП, освои два важни бода со победата над Словачка од 37:24.

Голманката Лена Иванчок беше солидна во првото полувреме и по нејзина заслуга Австрија замина на пауза со солидна предност од 17:11. Словачка во вториот дел не можеше да направи ништо и веќе во 40 минута, при предност на Австрија од 22:15, крена бело знаме.

Шпанија и Португалија одиграа интересен натпревар во рамки од групата Ц, а на победа се радуваа Шпанките, триумфираа сп 30:24.

Целиот натпревар мина во голема борба и до 45 минута се играше гол за гол. До победа „црвената фурија“ дојде со подобрата игра во последните петнаесетина минути, во кои успеа да го скрши отпорот на португалската репрезентација и да дојде до победа од шест гола.