ФОТО: РК Алборг

Алборг повторно доминантен против Келце, Сегед победнички во Норвешка

Ракометарите на Алборг го забележаа петтиот сезонски триумф во Лигата на шампионите, откако во натпревар од 9. коло славеше против полскиот вицепрвак Келце.

Данскиот шампион против тимот на Талант Душебаев триумфираше со 34:26, а победата си ја обезбеди уште во првото полувреме, кое го доби со седум гола раазлика, 20:13.

Алборг уште од самиот старт наметна свое темпо, а домашниот голман Фабијан Норстен беше на висина на задачата, бранеше кога најмногу требаше и натпреварот го заврши со 15 интервенции.

Во победничката екипа листата на стрелци беше предводена од Џек Турин и Алекс Влах, двајцата ракометари постигнаа по шест гола. Кај Келце најрасположен беше 22-годишниот Цезар Сугргиел со четири гола.

И на првиот натпревар сезонава, натпревар кој што беше одигран на 23 октомври, тимот на Келце беше високо поразен од Алборг, тогаш на свој терен загуби со 35:28.

ПИК Сегед со победата во Норвешка кај Колстад од 36:33 остана на втората позиција на табелата во групата Б.

Гостите од Унгарија посакуваните два бода ги освоија со подобрата игра во вторите 30 минути, откако на полувреме водеше минимално со 17:16.

Кај ПИК Сегед одлични беа Марио Шоштариќ со седум гола, еден помалку имаше левото крило од Австрија, Себастијан Фримел, додека кај поразниот тим се истакна Бјорн Гудјонсон со седум гола.