Валентина Радуловиќ со најмногу голови за Македонија на ЕП, во ТОП 5 се Николиќ, Боева…

Утре ќе започне Европското првенство 2024 во женска конкуренција, а домаќини ќе бидат Унгарија, Австрија и Швајцарија.

Македонија на Европското првенство ќе го има 7-то учество на континенталните собири и ќе се обиде да се претстави во добро светло.

Низ учествата на Европските првенства, најмногу голови во ,,црвено-жолтиот” дрес има постигнато некогашната ракометарка на Кометал ЃП, Хипо и Шлагелсе – Валентина Радуловиќ.

Поранешното лево крило на Македонија на Европските првенства (1998, 2000, 2006 и 2008) постигна вкупно 104 гола. Исто така, Радуловиќ има одиграно најмногу натпревари на Европските првенства, вкупно 24.

Веднаш зад Радуловиќ е Јулија Николиќ (Портјанко) со 69 постигнати гола на Европските првенства (2006, 2008 и 2012), додека третото место го зазема Клара Боева, 50 гола на ЕП (1998, 2000 и 2006).

ТОП 5 листата, по бројот на постигнати гола, ја дополнуваат Лариса Кисељева и Марина Абрамова. Кисељева на Европските првенства во 1998 и 2000 постигна вкупно 45 гола, а Абрамова, која играше на позицијата среден бек, во споменатите години заврши со гол помалку од левото крило – 44.