Продолжува трендот во Првата лига – уште еден неодигран натпревар!

Пред две кола не се одиграа два меча, кога екипите на Кичево и Преспа Вардар не отпатуваа за Скопје, односно Гевгелија на натпревари против Металург РА и Партизан, а сега има трет ист случај.

Екипата на Шампион се реши за ист потег и не го одигра мечот на гости кај Партизан Гевгелија, кој беше закажан за во саботата во салата „26 април“, а тоа им отвори нова работа на дисциплинците на РФМ.

Не е тајна дека повеќе од половина прволигаши кубурат со финансии и живеат „од денес за утре“, очекувајќи ја државната помош, а Шампион им се приклучи на Кичево и Преспа Вардар, кои претходно не отпатуваа и не ги одиграа планираните и веќе закажани натпревари.

Јасно е дека овој натпревар што требаше да се игра во Гевгелија, нема да биде презакажан и да добие нов термин, па РФМ ќе го регистрира со службена победа за Партизан, кој ќе добие шанса со новите бодови да се бори за место во плеј-офот.

Прволигашката конкуренција на стартот на оваа сезона требаше да брои 19 екипи. Но најпрво се откажаа две екипи, меѓу кои и некогашниот шампион Борец, па останаа 17 поделени во две групи. Но како тргна сезоната, прашање е дали сите екипи ќе го дочекаат крајот.

Во текот на оваа сезона и во Женската лига имаше ситуација, кога гостинска екипа (Стружанка), не отпатува на гостувањето во Штип кај Астибо токму поради финансиските проблеми со кои се соочува, па штипјанки на „зелена маса“ ги освоија бодовите.

БЕСПАРИЦА во Првата лига – не се одиграа два меча, се заканува ли колапс?!