Екипата на Вардар Неготино, предводена од триото – Драган Кузманов, Костадин Петров и Мирослав Митевски, тројца ракометари кои зад себе имаат суперлигашко искуство, славеше на гостувањето кај Текстилец со 44:32.
Гостите од Неготино уште од стартот наметнаа свое темпо кое домаќинот не можеше да го следи и во ниту еден момент од натпреварот Текстилец не успеа ниту да израмни, ниту пак да поведе, се мина во знакот на неготинци.
Ракометарите на Вардар Неготино на пауза заминаа со резултатска предност од 20:14 и уште подобро одиграа во вториот дел. Домаќинот немаше идеја како да ги запре разновидните акции да гостите и дозволи довчерашниот суперлигаш да ја зголеми предноста за конечни 12 разлика.
Во таборот на Вардар Неготино најефикасни беа Драган Кузманов (10 гола), Костадин Петров (10 гола) и Мирослав Митевски (9 гола). Кај поразениот тим се истакна Филип Славев со осум гола, а го следеше Драган Сенев со шест реализации.
Вардар Неготино во следното коло од прволигашката конкуренција ќе биде домаќин на Скопје. Текстилец следниот викенд ќе биде гостин во Ресен кај Преспа Вардар.