Ракометарите на Охрид им се вратија на победничките патеки, oткако на домашен терен и со комбиниран состав го совладаа последнопласираниот тим во Супер лигата, Радовиш со убедливи 43-21.
Победникот беше решен уште по првото полувреме кога домашниот тим направи огромна предност од девет гола, 18-9, а во второто полувреме само рутински беше одработена задачата и се чекаше конечната разлика.
Гостите водеа само на стартот со 1-0, а потоа се беше во знакот на „гладијаторите“. Ристески, Костов и Бојаниќ предничеа со лесните реализации во првото полувреме, потоа во вториот дел тоа беа Андоновски и Шипинкоски.
По седум погодоци во победничкиот тим имаа Шипинкоски и Костов, додека по шест пати во листата на стрелци се запишаа Андоновски и Бојаниќ. Во составот на Радовиш четири гола имаше Костадинов.
Охрид сега има 18 бода и е на делба на третото место со шампионот Еурофарм Пелистер, додека Радовиш останува на дното со еден бод, но без победа во досегашниот тек од сезоната.